- Познатиот италијански инсајдер Фабрицио Романо вечерва на својот Х профил каде има повеќе од 23 милиони следбеници, напиша дека македонскиот репрезентативец Елиф Елмас е пред вратата на Торино каде ќе дојде на позајмица од Ред Бул Лајпциг со право на откуп.
- Елмас откако замина од Наполи со кого освои историско шампионско скудето, не добиваше многу шанса во германски Ред Бул Лајпциг. Последниве пар месеци поради повреди и слаба форма беше надвор од теренот а сега се очекува во Серија А да ја врати препознатливата форма затоа што го познава менталитетот и лигата.
- Торино во исто време се договара и со големиот италијански талент од Челси, Чезаре Касадеи како и со шпицот на Наполи Џовани Симеоне (син на Диего).
- Според Моцарт спорт, Борис Ројевиќ, познато тренерско име од регионов, наскоро ќе стане нов тренер на РК Охрид кој има мошне амбициозен проект во македонскиот ракомет.
- Ројевиќ беше творец на апсолутната хегемонија на РК Војводина која има 10 титули по ред во српското првенство од кои 7 под негово водство. Ројевиќ со Војводина го освои и европскиот ЕХФ Куп во 2023-та година а неодамна беше и в.д. селектор на Србија.
- РК Охрид има за цел да ја урне „големата тројка“ на македонскиот ракомет односно да се вмеша во борба за титулата со РК Вардар 1961, РК Еурофарм Пелистер и РК Алкалоид. Охриѓани следната сезона ќе играат и во ЕХФ Купот а управата веќе спрема нови силни ракометни имиња.
- По големата зделка во која ППФ групата под закрила на Телеком Србија откупи 100 одсто од уделот во компанијата СББ, генералниот директор на српски Телеком Владимир Лучиќ го потврди она што се најавуваше.
- „Телеком го откупи Спорт клуб за Западен Балкан, така што спортскиот канал Арена ќе биде единствен на таа територија па сиот спорт ќе биде на едно место што е победа за љубителите на спортот. Ќе има подобра цена на пакетите зошто веќе нема да има битка меѓу два гиганти на тендерот, па ќе бидат и помали трошоците за правата на спортски преноси“, заклучил Лучиќ во гостување на РТС.
- Од Јунајтед груп кој го продаде уделот велат дека „постоечките права на спортски преноси од Спортклуб во иднина преминуваат на Арена Група и додаваат дека веб порталот Спорт клуб ќе продолжи со работа, а новинарите од тој канал ќе спремаат спортска содржина за каналите на „Јунајтед медија“.