Започна судењето на Дејан Давидовски Дешо за настаните од 27 април, одбраната бара изземање на судијата Илија Трпков
Скопје Инфо - пред 7 часа
Судијата Илија Трпков покажа пристраност кон Дејан Давидовски Дешо и не може да го суди предметот против него за собраниските настани од 27 април, смета неговата одбрана. Давидовски доби политички азил во Шведска заради политички прогон во времето на владата на Заев, за што проценка даде шведскиот врховен суд. Тој се врати назад во Македонија и против него започна судски процес. Одбраната побара изземање на судијата, бидејќи во минатото веќе го искажал својот став токму околу Давидовски. Неговиот адвокат Тони Менкиноски, вели дека Трпков е инфициран кога е во прашање овој случај. „Денеска судијата беше зачуден, но ние му доставивме докази, му доставивме ЦД снимка и на УСБ, во која очигледно се гледа дека тој е инфициран и има заземено став во врска со овој предмет кој денеска треба да го суди, а е пристрасен“, изјави Менкиноски. Одбраната изрази надеж дека Кривичниот суд ќе го прифати нивното барање. Според нив Трпков веќе постапувал во предметот „Организатори на 27 април“ и веќе се обидел да осуди лица за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Велат дека ова создава сомнеж за негова пристрасност и не дава никаква гаранција за фер постапка за обвинетиот. „Еден предмет каде што шведскиот Врховен суд има одлучено дека се работи за политички азил, значи се работи за постапка која претходена на постапката во Македонија, значи дал негативно мислење и смета дека одлуката за која се товари не е тероризам“, изјави Менкиноски. Судијата Трпков во своето образложение при одлуката за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“, даде свој личен став околу статусот на Давидовски за овој предмет, со што јасно се доведува во прашање неговата непристраност....
Поради дефект повеќе улици во општина Карпош утре без вода
Скопје Инфо - пред 7 часа
ЈП Водовод и канализација известува дека утре повеќе улици во општина Карпош ќе бидат без вода. Причината за прекинот е уличен дефект на ф 1000 мм на ул Копенхагенска ,на раскрсница со Стокхолмска,бб. Прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на улиците Копенхагенска,С токхломска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов. Прекинот ќе почне од од 09:00 часот и ќе трае се до завршување со работните обврски....
Суспензија и пријава за полицаец од Охрид – пронајдена дрога во стражарска куќарка
Скопје Инфо - пред 7 часа
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Охрид против полицискиот службеник А.М. од ПСОН Охрид при СВР Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик. Според информациите од МВР, полицискиот службеник А.М., во време кога бил распореден на работна задача за обезбедување на објектот Вила Бела (поранешна Вила Македонија), сопственост на Министерството, бил подложен на преглед од страна на службеници од Одделот за внатрешна контрола. При извршениот преглед во стражарската куќарка, на работната маса биле пронајдени метална лажица со бела прашкаста материја, хартиена салфетка со слична содржина, како и пластично шише со непозната течност и импровизирана цевка направена од банкнота од 10 денари, затворено со алуминиумска фолија на која имало остатоци од непозната материја. А.М. бил информиран за потребата од испитување на присуство на метаболити од наркотични средства во урината во Институтот за судска медицина во Скопје. По проценка од доктор на Итна медицинска помош – Охрид, било утврдено дека службеникот е во добра општа здравствена состојба и способен за патување, но тој одбил да соработува и да се подложи на испитување. Против А.М. е покрената и дисциплинска постапка, а како задолжителна мерка е изречена суспензија од работното место....
Најава на премиерот: Недели не делат од добра вест за новата Клиничка болница во Штип
Скопје Инфо - пред 8 часа
Недели не делат од добра вест за доизградбата на објектот на новата Клиничка болница во Штип, најави денеска премиерот, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на отварање на фабриката „Магна мехатроникс“ во ТИР зоната во Штип. „Многу, многу брзо од денеска убава вест за штипјани поврзана со клиничката болница, веќе недели не делат до таа убава вест и очекувам тоа да биде едно пријатно изненадување не само за Штип, туку и за цела источна Македонија“, рече Мицкоски. Штипската клиничка болница започна да се гради во 2016 година, но поради проблеми со изведувачот и подизведувачот на објектот беше стопирана нејзината изградба. Премиерот, Мицкоски во неколку наврати нагласи дека доизградбата на објектот на новата Клиничка болница во Штип е еден од приоритети на оваа Влада....
Повреден работник во Охрид, при работа на канализациона мрежа му се урнал откоп од земја
Скопје Инфо - пред 8 часа
Вчера во 14.20 часот во СВР Охрид е пријавено дека во село Делогожда, струшко, при извршување на работни задачи се здобил со повреди С.Г. (63) од Охрид, вработен во фирма од Скопје. „Полициски службеници излегле на местото на настанот и извршен е увид во содејство со трудова инспекција, при што е констатирано дека при изведување на градежни работи околу канализациона мрежа се урнал дел од откоп од земја при што С.Г. се здобил со повреди и бил пренесен во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, каде што се констатирани тешки телесни повреди“, информираат од МВР. За настанот бил известен надлежен јавен обвинител од ОЈО Струга....
Општина Бутел го чисти коритото на реката Серава
Скопје Инфо - пред 9 часа
Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски информираша дека се чисти коритото на реката Серава иако е под надлежност на градот Скопје. „По неколку дописи од општина Бутел до градот Скопје денеска излегоа екипи да го чистат коритото на река Серава, реката се чисти пределот каде што е под ГУП, со тоа согласно закон и надлежност на Град Скопје. Благодарност за реакцијата, со ова спасивме потенцијално излевање на реката во овој дел на Општина Бутел“, напиша Костовски....
Кривична за 62-годишен струмичанец, со нож нанел убодна рана на сограѓанин
Скопје Инфо - пред 9 часа
Полицијата во Струмица поднесе кривична пријава против 62-годишниот Т.Г. од Струмица поради сторено кривично дело обид за убиство. „На 18.02.2025 во Струмица, по претходна расправија, пријавениот со остар предмет му нанел убодна рана на М.М. од Струмица“, информираат од МВР....
Апсење за дрога низ Скопје, „паднаа“ тројца дилери
Скопје Инфо - пред 9 часа
Вчера се апсеше низ Скопје за дрога. - На 01.04.2025 во 21.15 часот во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Г.С.(27) и Ф.А.(27), двајцата од Скопје, Д.С.(20) од село Псача, кривопаланечко, како и П.К.(38) од Куманово, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана, соопштија од полицијата. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци....
Гаши на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот: Секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет
Скопје Инфо - пред 9 часа
На Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот – 2 Април, претседателот на Собранието, Африм Гаши, во својот кабинет пречека група деца, родители, наставници и претставници на разни здруженија, на кои им упати порака дека вакви средби се од непроценливо значење во градењето општество со еднакви можности за сите. Вакви средби, рече Гаши, поттикнуваат на слушање и на учење, а пред сè ја истакнуваат важноста на прифаќањето и почитувањето на различностите. „Секое дете што беше меѓу нас денес ни покажа дека секој поединец, без разлика на различностите, има свој единствен свет, свои бои, бесконечен потенцијал и душа што заслужува шанса да лета. Овој настан, покрај незаборавниот момент, е и можност за изградба на почувствително и обединето општество за оние што нè потсетуваат дека убавината на животот лежи во богатството на нашите различности“, истакна Гаши. Гаши со внимание ги слушаше грижите и предизвиците на родителите и наставниците ветувајќи дека, во рамките на своите можности, ќе преземе сè што е потребно за подобрување за подигнување на стандардите за животниот стандард на лицата со аутизам. Тој нагласи дека Собранието, со ангажираност и почит, останува отворено за слушање и подобро разбирање на потребите и потенцијалот на лицата со аутизам....
Директорот на БЈБ, Јанев, ја отвори работилницата на Интерпол, која денеска и утре се одржува во Скопје
Скопје Инфо - пред 9 часа
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денеска ја отвори работилницата на Интерпол за сребрена потерница, која се одржува на 2 и 3 април 2025 година во Скопје, на која учествуваат 60-ина јавни обвинители, полициски службеници и претставници од финансиски институции надлежни за враќање на криминално стекнат имот, од европските држави и од САД. Работилницата е фокусирана на дискусија за имплементација на новата уникатна алатка на Интерпол преку која на државите членки им се овозможува поуспешна борба против организираниот и сериозен криминал и зајакната меѓународна полициска соработка преку упатување барања и размена на информации за лоцирање, идентификување и добивање податоци за криминално стекнат имот во странство. Како дел од експертската работна група на Интерпол за сребрена потерница меѓу 32 држави од светот, како и дел од пилот-проектот за сребрена потерница меѓу 51 држава од светот, нашата држава е единствената од регионот на Западен Балкан, која дава активен придонес во пилот-фазата за распишување на сребрени потерници, со воспоставена тесна координација на национално ниво помеѓу сите надлежни служби за спроведување на законот. Процесот за враќање на криминално стекнатиот имот е од особена важност во борбата против криминалот и корупцијата, придонесува кон разбивање на криминалните мрежи и зацврстување на довербата кај граѓаните. Преку враќање на криминално стекнатиот имот се удира директно во главниот двигател на криминалната активност – стекнувањето профит и значителната економска заднина, која е од суштинско значење за функционирањето на криминалната мрежа, а од друга страна, се отвара можност за генерирање финансиски средства за понатамошен развој и јакнење на правниот систем во државите....
Бојковска: Обезбедуваме 12,7 милиони евра за реконструкција на Воената болница во Скопје
Скопје Инфо - пред 9 часа
Драгана Бојковска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција кажа дека се обезбедени 12,7 милиони евра за реконструкција на воената болница во Скопје и модернизација на охридскиот аеродром. Преку предлог Законот за даночно ослободување, со цел склучување анекс на договорот за концесија со компанијата ТАВ Македонија, кој од минатата недела беше поднесен од пратениците, ќе се инвестира во клучна транспортна и здравствена инфраструктура. „Во главната градска болница во Скопје, повеќе нема да се оперира под покиснати тавани, пациентите и медицинскиот персонал нема да се возат во темни и застарени лифтови. Операционите сали пак, ќе се срушат до нула, а на нивно место ќе се изградат нови, во кои ќе има најсовремена хируршка опрема. Ќе се реконструира и одделението за интензивна нега, како и лабораториите. Скопската воена болница ќе добие целосно нов лик и биде додадена вредност во македонското здравство“, рече таа. Охридскиот аеродром пак, ќе биде реконструиран за прв пат по неговата изградба. „Се предвидува нова административна зграда, нов простор за обезбедување, целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда. Проект кој ќе придонесе кон подобри услови како за патниците, така и за вработените на аеродромот. Сево ова ќе биде финансирано од компанијата ТАВ Македонија, кои исто така ќе бираат и проектанти и изведувачи, како дел од обврските кои ги имаат спрема државата“, вели пратеничката. Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ создава трајни вредности, за Македонија да стане подобро место за секого. „Па затоа, ги повикувам пратениците од сите политички партии да дадат поддршка за законот кој ќе ги овозможи овие клучни капитални инвестиции“, рече Бојковска....
Со пиштол му се заканувал на роднина да му препише возило и да го вработи - Уапсен охриѓанец
Скопје Инфо - пред 9 часа
Вчера полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода А.И. од Охрид, постапувајќи по претходна пријава од страна на маж од Охрид, заради постоење сомнение за сторени кривични дела „противправно лишување од слобода“ (чл. 140 ст.1 од КЗ) и „изнуда“ (чл.258, ст.1 од КЗ). Според пријавителот, инаку во роднинска врска со пријавениот, на 31.03. 2025 околу 21 часот А.И. дошол во домот на пријавителот и со пиштол, под закана го држел и физички го нападнал, барајќи од него да му препише во сопственост патничко возило и да добие вработување во фирмата на пријавителот. При тоа, консумирал и бела прашкаста материја. Откако пријавителот ветил дека ќе ги исполни барањата на А.И., заедно се упатиле кон фирмата на пријавителот, при што тој успеал да побегне и случајот го пријавил во полиција. А.И. е лишен од слобода, а бил извршен и претрес во стан и други простории кои тој ги користи, при што се пронајдени пиштол, кеси со семки од канабис, остатоци од канабис, една дробилка. предмети со остатоци од бела прашкаста материја и друго, известија од МВР. По целосно расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок....
Брзи кредити – што претставуваат и зошто се толку популарни?
Скопје Инфо - пред 9 часа
Животот ни станува сè подинамичен и финансиски потежок. Така, сѐ почесто имаме потреба од брзи и лесни финансиски решенија за покривање на непланирани трошоци. Токму тука во пресрет ни излегуваат брзите потрошувачки кредити. Но, што всушност претставуваат овие кредити? Кога можат да ви бидат од корист, а кога би ви нанеле штета? За одговор на овие прашања, собравме неколку совети од експертите на Credissimo – водечка кредитна компанија кај нас за онлајн брзи кредити. Брзите кредити веќе се доста популарна и користена финансиска услуга. Тие претставуваат краткорочни кредити со релативно ниски суми, одобрени од финансиски друштва чијашто работа е строго регулирана од Министерството за финансии. Овој кредит овозможува брз и лесен достап до пари, бидејќи процесот на аплицирање е многу едноставен. Сѐ се случува целосно онлајн, без непотребно чекање во редици и еден куп документи. Нивната популарност не е случајна, тие нудат брзина, достапност и флексибилност. Можете да земете од 3.000 до 300.000 денари, со рок на исплата од 3 до 36 месеци. Најважно е тоа што со парите располагате за само неколку минути по одобрувањето на кредитот. Брзите кредити се лесни и удобни, но тие, исто така, можат да бидат многу опасни ако не ги земате со претпазливост. Ајде да видиме кога тие можат да ви бидат од корист, а кога може да бидат штетни за вашата финансиска состојба. Кога брзите кредити се во ваша корист? Тие се одлично решение за покривање на неочекувани трошоци во домаќинството или лични потреби. Во моменти кога ви се потребни дополнителни пари за купување на уреди или апарати што ненадајно се расипале, а немате можност веднаш да издвоите пари од платата за нивна замена. Овие кредити се одлично решение за позајмица до плата или непредвидени трошоци за лекови и медицински трошоци. Исто така, можат да бидат корисни за рефинансирање на други кредити, доколку клиентот сака да ги спои сите своите кредити во еден со плаќање на една рата, услуга којашто ја нуди Credissimo. Кога брзите кредити би нанеле штета за потрошувачот? Краткиот одговор е кога кредитите се земаат без да се размислува и без да се направи проценка дали ќе можете да го вратите кредитот. Многу е важно да си изберете месечна рата и рок на плаќање на кредитот според вашите финансиски можности, инаку ризикувате да се соочите со финансиски проблем. Брзите кредити можат да бидат штетни за корисникот ако земе премногу кредити наеднаш– тоа неизбежно доведува до проблем во враќањето. Финансиската нестабилност често ги тера луѓето да земаат брзи кредити, но ако веќе имаат неколку краткорочни заеми, новиот кредит само ќе ја влоши ситуацијата. Што советуваат експертите од Credissimo? Од Credissimo нѐ советуваат добро да размислиме пред да земеме кредит. Прочитајте ги условите на договорот и осигурете се дека ќе можете редовно да го отплаќате кредитот во договорените рокови. Иако земањето на ваков кредит е лесно и брзо, тоа не значи дека нема обврски што доаѓаат со неговото земање. Ако се најдете во таков случај да не можете да го отплатите кредитот, контактирајте гсо кредиторот за да пронајдете најдобро решение што ќе биде прифатливо и за двете страни. Научете добро да ги управувате личните финансии, а со тоа ќе ја намалите потребата за задолжување во иднина....
Се изготвува нов Закон за пожарникарска служба, ќе бидат зајакнати капацитетите на Територијалните противпожарни единица во општините
Скопје Инфо - пред 10 часа
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека се изготвува нов Закон за пожарникарска служба, по што веднаш ќе бидат и зајакнати капацитетите на Територијалните противпожарни единица во општините „Вработувањето во пожарникарските служби е еден од проблемите, коишто директно ги погодува локалните самоуправи. Се изготвува новиот Закон за пожарникарска служба и веднаш по изготвувањето на тој Закон ќе бидат зајакнати капацитетите на пожарникарската служба насекаде на целата територија, со приоритет на град Кочани“, изјави премиерот Мицкоски. Инаку во ТППЕ-Кочани се вработени вкупно 16 пожарникари, а согласно бројот на жители во општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци вкупниот број на вработени пожарникари треба да изнесува 33. Во изминатите години товарот околу обезбедување на платите, опремата и возилата е на Општина Кочани, додека останатие две рурални општини Чешиново-Облешево и Зрновци не учествуваат со финансии во функционирањето на ТППЕ-Кочани....
Тројца пациенти, настрадани во пожарот во Кочани, денеска се враќаат од Шведска и Грција
Скопје Инфо - пред 10 часа
Министерството за здравство информира дека тројца пациенти од повредените лица од пожарот во Кочани се враќаат во земјава, од кои двајца беа хоспитализирани во Грција и еден пациент во Шведска. Согласно протоколите ќе бидат задржани под 24-часовен надзор. Во Србија остануваат хоспитализирани 23 пациенти, Бугарија 14 паценти, Турција 10 пациенти, Грција 8 пациенти, Словенија 4 пациенти, во Унгарија, Хрватска, Шпанија, Австрија и Литванија се хоспитализирани по 3 пациенти, во Италија и Полска по еден пациент. Во Скопје, на Клиниката за токсикологија вчера беше хоспитализиран пациент по враќање од Полска, истиот денеска се пушта на домашно лекување. На Клиниката за пластична хирургија остануваат двајца пациенти, а во Хируршката клиника Св.Наум Охридски 6 пациенти. Во ГОБ 8 Септември се хоспитализирани 5 пациенти, од кои еден е планирано да биде пуштен на домашно лекување, на Клиниката за пулмологија двајца пациенти, а во приватната болница Систина се хоспитализирани тројца пациенти. Министерството за здравство внимателно ја следи состојбата на повредените пациенти и останува во постојана комуникација со медицинските тимови во земјата и странство, посветено на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани, потенцираат оттаму....
Скопје ќе добие 80 еколошки автобуси од Владата
Скопје Инфо - пред 10 часа
Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси за јавен превоз за Скопје и општините, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за усвоената информација на вчерашната седница на Владата, која се однесува на потребата од набавка на еколошки автобуси. „Владата на вчерашната седница донесе одлука за почнување постапка за набавка на 120 автобуси. Од тие, 80 ќе бидат наменети за Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, а 40 во оваа првична фаза ќе бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои имаме организиран јавен градски превоз. Врз основа на потребите и процените, електрични, еколошки автобуси“, рече Мицкоски. Тој додаде дека Владата прави чекор напред во обезбедувањето чист воздух и пристојна животна средина за граѓаните. „Она што е важно е што нема да има загадување, нешто што им е очајно потребно на граѓаните, особено за време на грејната сезона. Ние цениме како Влада, правиме чекор напред во таа насока. Рековме дека обезбедувањето пристојна средина за живеење на нашите сограѓани, во која составен дел е и чистиот воздух, за нас претставува императив. Но, тоа е процес што побарува многу време. Но, доколку седиме и гледаме дека времето си минува, ние ништо не правиме, не сме активни, туку сме реактивни, тогаш нема да дојдеме до решение. Затоа, ние сакаме да бидеме поактивни, да нудиме политики, да креираме политики и да дојдеме до нашата цел, а тоа е пристојна, убава животна средина за нашите сограѓани“, нагласи Мицкоски....
Пет странски компании се заинтересирани да инвестираат и да отворат фабрики во ТИРЗ Штип
Скопје Инфо - пред 10 часа
Пет странски компании се заинтересирани да инвестираат и да отворат фабрики во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Штип, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање по официјалното отварање на фабриката „Магна мехатроникс“ во ТИР зоната во Штип. „Има неколку компании коишто се заинтересирани да инвестираат овде во Штип, односно во овој ТИРЗ овде. Јас очекувам ако не сите, најголем дел од нив да донесат одлука уште оваа година, со што драматично ќе се подобри стандардот на штипјани, но и на сите оние коишто гравитираат околу Штип“, изјави премиерот Мицкоски....
Висок ризик од пожар во автобусите на ЈСП - Кој ќе биде одговорен во тој случај?
Скопје Инфо - пред 10 часа
Твитерџика со аларм за можно опожарување на некој од автобусите на јавниот превоз во Скопје. Дали има простор за паника или предупредувањето е „на место“, со оглед дека луѓето се наплашени по низата трагедии? - Ако ги разгледаме статистиките на пожари во автобуси на ЈСП во последните 5 год. се пресметува висок ризик. Со обзир дека ученици, студенти и пензионери се најчести корисници, кој ќе сноси одговорност за евентуален пожар? Советниците на Град Скопје, Данела, владата? Кој или кои? Ако ги разгледаме статистиките на пожари во автобуси на ЈСП во последните 5 год. се пресметува висок ризик. Со обзир дека ученици, студенти и пензионери се најчести корисници, кој ќе сноси одговорност за евентуален пожар? Советниците на Град Скопје, Данела, владата? Кој или кои? — Јасновитка (@jasnovitka2024) April 2, 2025...
Тешко повреден работник во неготинскиот „Комуналец“
Скопје Инфо - пред 10 часа
Работник од неготинско е тешко повреден на работното место. На 01.04.2025 во 17.30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека во Општа болница Кавадарци со тешки телесни повреди бил донесен М.С.(55) од село Криволак, неготинско. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи во Неготино, како вработен во јавното претпријатие „Комуналец“ од Неготино, соопштија од полицијата....
Центар започна со редовната пролетна дератизација
Скопје Инфо - пред 10 часа
Општина Центар започна со редовна пролетна дератизација на целата територија. Во текот на следните две недели ќе бидат опфатени над две илјади шахти, со цел уништување на штетни глодари и инсекти, како и превенција од можни заразни болести. Дератизацијата се спроведува два пати годишно, во пролет и есен, и претставува една од клучните мерки што Општината ги презема за заштита на здравјето на населението. Општина Центар информира дека препаратот што се користи за дератизацијата е селективен, сертифициран од овластен производител и е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари. Препаратот е одобрен од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и не претставува ризик за другите животински видови....
Нови 600 работни места - Почна со работа фабриката „Магна мехатроникс“ во ТИРЗ Шти
Скопје Инфо - пред 10 часа
Започна со работа фабриката „Магна Мехатроникс“ во ТИРЗ Штип. Инвестицијата е вредна околу 40 милиони евра, а ќе бидат вработени 600 лица, објави премиерот, Христијан Мицкоски. „Оваа инвестиција не е само капитален проект, туку вистинска приказна за доверба, партнерство и заедничка визија. Се простира на 18.000 метри квадратни, за што ќе бидат инвестирани околу 40 милиони евра и од презентацијата на претходните говорници можеме да заклучиме дека ќе бидат вработени во самиот пик на инвестицијата повеќе од 600тина лица. Благодарение на оваа фабрика, се отвораат нови работни места, се зголемува индустриското производство и се зајакнува економијата. Нашата земја ја покажува својата подготвеност да биде дом на успешни и конкурентни компании, кои не само што произведуваат, туку и создаваат вредности што ќе се чувствуваат низ генерациите“, рече Мицкоски. Тој рече дека македонската влада имала два успешни економски квартали, третиот и четвртиот квартал од минатата година. „За прв пат после подолго време во третиот квартал забележавме раст на бруто домашниот производ од 3%, а во четвртиот квартал дури отидовме и чекор повеќе 3,2% со што се вбројуваме во тие квартали во сме пет најбрзорастечки економии во Европа. Очекувам тој тренд да продолжи и во овој прв квартал од оваа година. Од она што можеме да заклучиме, расте просечната плата, имаме и зголемување на пензиите. Правиме се од една руинирана состојба како што ја затекнавме да направиме економија којашто ќе биде конкурентна со европските и светските економии“, рече премиерот....
ССМ: Или ќе се зголемат платите или генерален штрајк
Скопје Инфо - пред 10 часа
Членовите на највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија пред Владата побараа повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1.800 денари и намалување на платите на избраните и именуваните лица . Од ССМ побараа да запрат и нападите врз синдикатите. „Денеска сме тука да ви упатиме последна порака - не може да се одлучува за нас, без нас. ССМ пред две години организираше генерален штрајк во цеиот јавен сектор. На чекор сме до генерален штрајк во целата држава. Денеска бараме од вас да бидете луѓе онака како што сме ве избрале. Да не се однесувате кон работникот, како кон луѓе од трета категорија и да бидете на ниво на задачата. Денеска сме тука пред Владата како најголем работодавач да побараме да се почитуваат колективните договори и да се зголемат платите во јавниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Упати предлог до премиерот Христијан Мицкоски заедно да земаат минимална плата од 500 евра, а да се зголемат останатите плати за 100 евра. Доколку не се зголеми минималната плата, раководството на ССМ најавува генерален штрајк, а доколку не се зголемат платите на работниците, најавуваат протест. „Не сме тука да ја рушиме Владата, туку да ги зголемиме платите“, рече Трендафилов. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски истакна дека за првпат е донесена одлука за зголемување на минималната плата без консултација на синдикатот. „Првата Влада која смислено ја одзема репрезентативноста на ССМ само за да нема Економско-социјален совет. Прва Влада во историјата на Македонија која реши 129 илјади вработени во јавниот сектор кои зависат од минимална плата да ги остави да ги изедат газдите од приватниот сектор. Со 1.890 денари во управа и правосудство 58 отсто моментално се под просек. Не се плашиме, ниту ќе се плашиме. Ве чекаме да не викнете, ако не, сами ќе си дојдеме“, рече Деаноски пред Владата. Претходно, раководството на ССМ пред Собранието побара од пратениците да изгласаат одлука за зголемување на минималната плата на 500 евра, а во спротивно да ги намалат нивните плати на ниво од минимална плата. Членовите на највисоките тела на ССМ упатија и порака до работодавачите барајќи од нив да ги зголемат платите на работниците за да не бидат виновни за иселувањето на работничката сила. „И ненормалното стана нормално во оваа држава. Ако секоја година се иселуваат 10.000 млади работници, сакаме да им кажеме на работодавачите дека повеќе нема да работиме за мизерни плати“, порача претседателот на Синдикатот на СИЕР, Игор Герасов. Според Владата, висината на минималната плата е легитимна и утврдена согласно критериумите во Законот за минимална плата. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска изјави дека одлуката за зголемување на минималната плата од 1.800 денари е донесена согласно законот....
Сообраќајка на патот Кичево - Гостивар, две лица се повредени
Скопје Инфо - пред 11 часа
Вчера во 15.06 часот во ОВР Кичево, било пријавено дека на магистралниот пат А2, Кичево-Гостивар, помеѓу селата Колари и Тајмиште, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од 33-годишниот Ш.Ш и товарно возило „фолксваген крафтер“ со српски национални ознаки, управувано од 32-годишниот В.Т. од Република Србија. „Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „голф“ Ш.Ш.(54), додека со телесни повреди сопатникот од истото возило И.Ш.(58), двајцата од село Колари, кичевско“, информира МВР. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кичево....
Одбележан денот на раѓањето на Ѓорче Петров во општината која го носи неговото име
Скопје Инфо - пред 11 часа
На споменикот на великанот Ѓорче Петров по повод Денот на неговото раѓање, бројни делегации денеска положија цвеќе во чест на патронот на општината. Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните, нагласувајќи дека денес, кога се одбележува Денот на раѓањето на македонскиот великан, срцата на сите ѓорчепетровци се исполнети со почит и благодарност. „Ѓорче Петров не беше само идеолог и борец за слобода, туку и визионер кој ги постави темелите на националното ослободување на Македонија. Неговата борба и неговиот дух живеат во нас, и денес, како и секогаш, неговото наследство ни дава сила да продолжиме со изградбата на една слободна и независна Македонија. Роден на 2 април 1865 година, Ѓорче Петров беше пример за храброст, посветеност и љубов кон својата татковина. Тој не беше само наставник и идеолог, туку и човек кој вложи се за иднината на својот народ. Неговата љубов кон Македонија ја споделувале неговите ученици, а таа љубов сега живее во сите нас“, рече Стојкоски. Но, како што додаде, денес, заедно со честа да го славиме животот на Ѓорче Петров, носиме и тежина на една несреќа која ја потресе нашата земја. Трагичниот настан во Кочани, рече Стојкоски, се уште е неверување што не може да се искаже со зборови. „Моментите како овој се потсетник за големата одговорност која секој еден од нас ја носи, без разлика на општествената позиција, одговорност е да се грижиме за младите и да обезбедиме услови за нив и подобра иднина“, додаде градоначалникот. Во таа насока, како што истакна, Ѓорче Петров не само што беше фундамент на нашата независност, туку беше и човек кој ги учеше следните генерации на основните вредности, и на тоа дека дека борбата за правото и слободата нема да биде лесна. „Нашата сила лежи во тоа што остануваме непоколебливи. Да не се откажуваме од тие идеали, да не дозволиме болката од загубата да не оневозможува да се бориме за подобро утре. Слава на Ѓорче Петров и на сите херои кои ја дадоа својата крв за слободата на оваа земја“, рече Стојкоски....
Мицкоски: Спремен сум да се сретнам со Филипче и на полноќ и после полноќ, стојам на располагање во секое време
Скопје Инфо - пред 11 часа
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен на средба со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче доколку, како што изјави денеска, навистина има план и желба да помогне. По денешниот повик од Филипче за политички и општествен дијалог Мицкоски во одговор на новинарско прашање рече дека стои на располагање во секое време и ќе го усогласи распоредот за да го слушне планот на Филипче и да се види дали во тој план може нешто да се реши. „Јас во една моја изјава кажав дека ова е сериозна тема и за сериозна тема се седнува и се разговара. За мене е малку непристојно да разговараме преку медиуми, реков доколку има план како што најавија, подготвен сум да го примам на средба пртседателот на СДСМ да го образложи планот, да го слушнеме планот бидејќи се сериозни времиња, јас сум сериозен човек, сериозни работи се во прашање и најмалку што треба да се прави е естрада на јавна сцена. Доколку навистина има план и желба да помогне стојам на располагање во секое време ќе го прераспределам мојот распоред, на полноќ на полноќ, после полноќ, кога ќе каже тогаш да го сослушам неговиот план и да видиме дали во тој план може нешто да се реши. Но, доколку планот опфаќа пристап „Стабри“, како што беше во минатото за време на короната тогаш такви планови не можам да прифатам“, изјави Мицкоски за повикот од Филипче и дали ќе има лидерска средба со останатите претставници на партиите....
Филипче предлага концепт за нов општествен и политички дијалог, побара средба со Мицкоски да му го претстави планот
Скопје Инфо - пред 11 часа
Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција предложи концепт за нов општествен и политички дијалог. По трагедијата во Кочани, рече Филипче, граѓаните реагираа со револт и бес, системот не функционира како што треба, а за тоа вина, како што посочи, имаме сите политички партии. Во однос на лидерската средба рече дека уште денеска или утре ќе побара состанок со премиерот Христијан Мицкоски, согласно агендите, да се организира таа средба. Областите каде што треба системски пристап, според Филипче се - образование, здравство, правосудство, животна средина, партизација и политизација. „По големата трагедија во Кочани, ја видовме реакцијата на граѓаните, револт, на места и бес. Би рекол сосема оправдано, бидејќи тоа што во изминатите три децении, тоа што се нарекува реформи, тоа што се нарекува транзиција, очигледно не го даде посакуваниот резултат. Системот на многу места очигледно не фукционира како што треба. Јавните сервиси немаат перформанс каков што граѓаните заслужуваат. За тоа вина имаме сите политички партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, другите политички партии“, рече Филипче. Нагласи дека треба да се изготви стратегија во која ќе се влучат сите, во форма на политички дијалог, врз основа на која државата ќе функционира во следните децении, многу повеќе од мандат на која било влада и која било партија или коалиција да ја води таа влада. „Ние немаме веќе деца да ги губиме со тоа што ќе одат во странство. Треба да го зајакнеме образовниот систем. Сме се обиделе и ние, се обидел и ВМРО-ДПМНЕ очигледно нема посакувани резултати. Понатаму здравството. Тој јавен сервис мораме да го подобриме и здравството и образованието треба да ги тргнеме од дневно политичките пресметки, надмудрувања, математики и тоа да биде навистина стратешки интерес на државата“, рече Филипче. Во однос на правосудството, истакна Филипче, неминовно е да се донесат реформската агенда во што пократок рок реформските закони во одреден систем во којшто ќе се постигне широк консензус не само политички туки и други фактори од делот на правосудството на коишто ова навистина им е експертиза. „Тоа што граѓаните најмногу ги иритира а тоа е партизацијата и политизацијата. Мора да ги ослободиме институциите од канџите на политиката и партијата за да младите луѓе имаат навистина добар, компетитивен мерит систем и на тој начин да се вработуваат и напредуваат поради тоа што само на тој начин можеме експертизата да ја издигнеме на соодветно и заслужено ниво“, истакна Филипче, додавајќи дека добро е на овие теми да седнат лидерите на сите партии. Лидерот на СДСМ истакна дека на премиерот Христијан Мицкоски и подетално би му го образложил овој план на средба во следните денови. „Се надевам дека после тоа, врз основа на ова што сега го образложив ќе се приклучат и другите политички партии и сметам дека е крајно време, премногу време е поминато за ние да зборуваме дека нешто треба да се промени и видовме како трагедијата во Кочани на површина извади многу системски пропути и мислам дека е крајно време сите да седнеме и заедно да работиме за доброто на државата“, рече Филипче. Во однос дали очекува неговиот предлог за лидерска средба да биде прифатен, тој рече дека уште денеска или утре ќе побара состанок со премиерот Мицкоски, согласно агендите, да се организира таа средба. „Оставам простор и се надевам дека сега кога политичките партии ќе го слушнат ова ќе ја прифатат таа лидерска средба. Но добро е прво тоа да го поразговараме со премиерот, имајќи предвид дека тој прв подаде рака и на прва одговори дека средбата е прифатлива. Навистина не знам што би било неприфатливо или некој зошто не би сакал да разговара, кога тоа е констатација на секој еден граѓанин во државата“, рече Филипче. Голем предизвик во нашиот систем, додаде Филипче, е како од разговор што да се направи, вистински да се имплементира. „Од сите кризи што ги видовме изминатиот период треба да извлечеме поука и таа поука да ја имплементираме, меѓутоа и да се осигураме и дека ќе биде целосно имплементирана и тоа не е лесно. Имам неколку идеи, дали тоа ќе биде преку парламентарна комисија, дали преку заедничка работна група во која ќе учествуваат и експерти ќе го разгледаме на состанокот. Не би сакал да звучи како план што би го сервирал готов, поради тоа што би сакал сите да учествуваме во изготвувањето на планот како ова да се спроведе“, рече Филипче. На новинарско прашање дали на средбата ќе ја постави темата за евроинтеграции и уставни измени, рече дека најверојатно ќе се зборува и за таа тема....
Кривична за струмичанец за обид за убиство
Скопје Инфо - пред 11 часа
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Т.Г.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,убиство“ во обид. На 18.02.2025 во Струмица, по претходна расправија, пријавениот со остар предмет му нанел убодна рана на М.М. од Струмица, соопштија од полицијата....
Се судрија „југо“ и мотоцикл во Сарај, едно лице е тешко повредено
Скопје Инфо - пред 11 часа
Скопјанец е тешко повреден во сообраќајка во Сарај. - На 01.04.2025 во 05.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Дарданија“ во село Сарај, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „југо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(52) од Скопје и мотоцикл управуван од В.М.(43) од село Грчец, скопско. Во несреќата В.М. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје, информираа од полицијата. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје....
Со едноминутен молк за жртвите во Кочани ССМ на улица ја отвори првата јавна седница
Скопје Инфо - пред 11 часа
Голем број членови на највисокото раководство на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) придружувани од работниците точно во 12.05 часот денес на улица ја отворија првата јавна седница. На нога претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов го прочита дневниот ред со само три точки кој беше едногласно прифатен, а седницата почна со едноминутен молк за жртвите во Кочани. „Имајќи предвид дека првата јавна седница на ССМ се одржува денес во исклучително тажни услови со едноминутно молчење да оддадеме почит на трагично загинатите луѓе во Кочани. Слава им. Брзо закрепнување на сите повредени“, рече Трендафилов. Прва точка на дневниот ред на јавната седница е пораката која сакаат да ја пренесат пред Собранието дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците. Втората точка е дека подадената рака од работникот денес може да стане стисната тупаница утре, а трета точка е најважната порака која сакаат да ја упатат до Владата дека не може да се одлучува за работниците беа работниците. ССМ останува на барањето минималната плата да биде 500 евра, за што веќе испратија предлози и до Собранието и до Владата....
Кешишев сведочеше дека ја копал дупката во Велес: Мислев дека ќе бараме злато
Скопје Инфо - пред 11 часа
Игор Ефтимов, адвокатот на Влатко Кешишев, побара првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо да не присуствува на денешното рочиште, за тој да може без страв да ја каже вистината за убиствата на малолетната Вања Ѓорческа од Скопје и велешанецот Панче Жежовски, а Судот го прифати ова барање. Кешишев го даде својот исказ во Основниот кривичен суд Скопје. - Се познавам со сите обвинети. Ги запознав во Опера Хаус во 2021 октомври. Кога се вратив од Хрватска со еден штипски сопартиец зборевме за тогаш беше движење ТРЕТА, не беше ДЕСНА. Требаше да готвам за децата кои беа преку патот, бидејќи најавуваа дека ќе има карантин после короната. Палчо го запознав на протестот во Скопје, а повеќе се запознавме во хотелот во Опера Хаус, таму ги запознав и Велибор и Боре, вели Кешишев додавајќи дека таткото на Вања Александар Ѓорчевски не го познава од претходно, туку прв пат го видел во Суд. Кешишев раскажа и за своите обврски во партијата. - Мои обврски беа да готвам колку што има потреба и да ги пречекувам луѓето кои ќе доаѓаат и ќе даваат поддршка за партијата. Тој период само што се вратив од Хрватска после 10 дена отидов таму во Опера Хаус. Не примав плата и не се жалам, бидејќи требаше да се формира партија. Вели дека Панче и Вања не ги познавал, ги видел на Фејсбук кога било објавено за Панче и за автомобилот откако се се завршило. Раскажа и дека тој ја копал дупката во Велес, заедно со Манев кој сведочеше на минатите роишта. - 2022 година во недела, дојде Велибор, во работно одело, бевме сами јас и Палчо. Тогаш Палчо ми рече да одам на Вељо да му помогнам. Јас го послушав отидовме заедно со Вељо кај местото Рудник. Таму извадив копач и почнавме да копаме. Вељо го обележа кругот и почнавме да копаме. Не зборувавме ништо, само тој копаше, јас ја фрлав земјата надвор. Во прво време помислив дека бараме злато, бидејќи не ми беше кажано ништо, така копавме, па се стемни, па се вративме назад. Следната недела повторно. Се се случуваше во недела, тогаш беше слободен Вељо, па пак отидовме и пак без зборови копавме, рече тој. Претходно, беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство. Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот. И Манев, како и Видевски, посочија дека биле изложени на тортура при нивните распити во полицијата. Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски. Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес....
Ѓорѓиевски учествуваше во евакуацијата на сограѓани по надоаѓањето на Маркова Река
Скопје Инфо - пред 12 часа
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски со објава на социјалните мрежи по синоќешните случувања, во кои му се приклучи на градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садику, во справување со надојдените води на Маркова Река за ситуацијата што побрзо да се стави под контрола, упати порака: во моменти на криза, не постојат институционални граници, постојат само човечки животи. Потенцираше дека во критични моменти не треба да се чека, туку да се делува – со срце, со раце, со присуство на терен. Тој упати благодарност до сите што помогнаа, но и остра критика кон оние кои кризата ја користат само за политички поени. „Во ноќите кога државата најмногу треба да биде држава, нема надлежности – има само човечки животи. Кога има несреќа, никој не треба да гледа дали надлежноста е на една или на друга институција, град или општина. Во тие моменти, единствено важно е да се покаже емпатија и солидарност со луѓето. Така постапивме и оваа ноќ. Заедно со моите колеги, Азем и Дејан- градоначалниците на Студеничани и Аеродром, останавме до раните утрински часови. Иако надлежноста е на Градот Скопје, од кој веќе подолго време бараме санација на коритото на Маркова Река (за што уредно имаме доставено документација и известување дека „нема предвидени средства“), решивме да не чекаме уште една трагедија. Презедовме активности веднаш. Како луѓе, како јавни личности, како совесни политичари. Во текот на ноќта, со лична ангажираност, учествувавме во евакуацијата на нашите сограѓани: Енис, Фуркан, Хамза и Али, кои беа заглавени во надојдените води – сега се безбедни. Мустафовски, кој беспомошно се бореше да не стане жртва на разбеснетата река – денес е дома. И уште многу други – денес се живи и со своите семејства благодарение на брзата реакција. Изразувам искрена благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, кој веднаш се стави на располагање и со кого бевме во постојана комуникација до доцна во ноќта. Благодарност и до сите колеги, волонтери и граѓани кои не прашаа „чива надлежност е“, туку помогнаа – со срце и со раце. Но, секогаш кога има неволја, додека едни помагаат, други прават статуси од топлината на својата дневна соба. Наместо да излезат на терен, некои чекаат да се случи нешто лошо, за да ја напишат својата следна критика. Тоа не е политика. Тоа е бедна навика што ќе остане зад нас. Засекогаш“, вели Ѓорѓиевски. Како што вели, политичар се покажува кога е најтешко. „Кога не се штедиш, кога не се криеш, кога не глумиш статуси, туку си таму, со луѓето. Во првите редови“, порача Ѓорѓиевски. Претходно со своја објава на социјалните мрежи изреагира и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која напиша дека џабе се слика со лажен хедонизам градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Му порача дека со превенција се спречуваат поплави, а не со глумење на спасите...
Од недела заладување и снег на планините
Скопје Инфо - пред 12 часа
Од недела нè очекува пад на температурите и врнежи од снег на планините, информира УХМР. До сабота ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. В недела, поради продор на студена воздушна маса од север, ќе има врнежи од дожд, на планините снег. Температурите значително ќе опаднат и врнежи од снег се очекуваат и на повисоките места. Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а наместа по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени....
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски донираше клима уреди за Итна медицинска помош
Скопје Инфо - пред 12 часа
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски донираше клима уреди за Итна медицинска помош. Тој ваквата информација ја објави на социјалните мрежи. „Денес на мое големо задоволство имав можност да ја посетам единицата за Итна медицинска помош. Ја изразив мојата благодарност и признание до целиот персонал на Брзата помош за пожртвуваноста при справувањето со последиците од траорната несреќа во Кочани. Овие луѓе заедно со докторите и целиот персонал во болниците се нашите херои. За потребите на Единицата за итна медицинска помош извршив донација на инвертер клима уреди. Вработените во Итната медицинска помош се луѓето кои се грижат за нашето здравје во секое време и тие ја заслужуваат нашата поддршка.Хуманоста и солидарноста се одлика за нас и така ќе продолжиме и во иднина. Секогаш и на секого ќе подадам рака за помош и поддршка“, напиша Стефковски....
Дурмиши: Секој има право да протестира, синдикатите своите барања треба да ги кажат на ЕСС, а не на улица
Скопје Инфо - пред 12 часа
Живееме во демократија и секој има право да излезе на улица и да протестира и да го каже својот револт, но на синдикатите веќе им истече мандатот и веќе не се репрезентативни, порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. „Како Влада ја формиравме комисијата која треба да ја утврди репрезентативноста на синдикатите и таа комисија веќе работи. Веднаш кога ќе се определи кој синдикат е репрезентативен ќе ја свикам седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). Токму таму синдикатите треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, изјави Дурмиши Како Влада, посочи, уште од почетокот кажавме дека ги почитуваме и дека сме за социјален дијалог. „Ако синдикатите и работодавачите се договорат за било кој друг основ и било која друга методологија и законско решение за утврдување на минималната плата како Влада сме тука за да им помогнеме и да им излеземе во пресрет“, посочи Дурмиши. Одговарајќи на прашање рече дека како Влада постапиле според законот и методологијата за минималната плата, со која се усогласени сите засегнати страни, односно и синдикатите и работодавачите, и го објавиле износот на минималната плата на крајот на март. „Според тој правилник минималната плата изнесува 400 евра и е покачена нето платата за 1.800 денари. Како надлежен министер за економија и труд јас ја објавив минималната плата по одлука на Владата“, рече Дурмиши. Нагласи дека немале согласност од ЕСС за износот на минималната плата поради тоа што нема репрезентативност од синдикатите. „Јас според законот кој е во сила и кој е потпишан и од синдикатите и од работодавачите и по одлука на Влада обврзан сум пред 31 март да ја објавам минималната плата. Од минималната плата потоа се пресметува и просечната плата и другите плати. Ако не ја објавевме до 31 март ќе се блокираше целата држава и сите институции, а приватниот сектор не ќе можеше да пресмета плати за нивните вработени“, истакна Дурмиши. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за денеска во 12:05 часот закажа јавна седница пред зградата на Собранието на која ќе ги искаже своите ставови за минималната плата....
Ќе има измени во Законот за угостителска дејност, следната недела ќе биде претставена нацрт-верзијата
Скопје Инфо - пред 12 часа
Нацрт-верзијата на измените на Законот за угостителска дејност ќе биде презентирана пред членовите на Владата во текот на идната седмица, објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“. На прашањето зошто во овие девет месеци откако е министер не ги преиспитал лиценците и дали, покрај моралната, чувствува и друга одговорност за несреќата во Кочани, тој одговори дека сѐ што имал да каже, го кажал на прес-конференцијата за трагичниот настан во Кочани. „Сите прашања кои беа поставени од новинарите ги одговорив на таа прес-конференција и ја кажав целата процедура како се стигна до одземање на лиценца.“ Тој додаде: „Поради тоа што истрагата е во тек не сакам да дадам било каква друга изјава која може да има влијание на процесот. Органите на прогон кога ќе ја завршат истрагата ќе ја известат јавноста.“ Дурмиши подвлече дека измените на законите, кои беа направени во 2008 година, очигледно биле злоупотребени во делот на исполнување на минималните технички услови. „Нормално е дека ќе имаме измени на законот во кои ќе предвидиме построги услови и контроли и повеќе казни на сите кои не ги исполнуваат минималните технички услови“, рече Дурмиши и посочи дека Министерството за економија и труд ниту е надлежно, ниту има механизми да ги врши контролите на угостителските објекти за исполнување на минималните технички услови....
Уапсени две лица кои возеле во алкохолизирана состојба, едниот имал 1.68 промили, другиот дувнал 1.57 промили алкохол откако со камион излетал од патот
Скопје Инфо - пред 12 часа
СВР Куманово информираше дека се уапсени две лица кои возеле во алкохолизирана состојба со 1,57 и 1,68 промили во крвта. Вчера во 23.20 часот полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово го уапсиле 37-годишниот А.М. од Куманово, откако при рутинска контрола на патниот сообраќај било констатирано дека А.М. управувал патничко моторно возило „рено“ под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,68 промили. Околу 20 минути по полноќ, лишен од слобода бил и М.П. (34) од Крива Паланка. На 01.04.2025 во 22.10 часот на магистрален пат Крива Паланка- Деве Баир со товарно моторно возило „волво“ со скопски регистарски ознаки излетал од коловозот. М.П. се здобил со телесни повреди, констатирани во Здравствен дом во Крива Паланка, а било констатирано дека има 1,57 промили алкохол во крвта, информираат од МВР. Против двете лица ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“....
Убиство во кривопаланечко село - Полицијата уапси три лица, телото на убиениот било закопано близу домот
Скопје Инфо - пред 13 часа
Три лица се уапсени поради сомнеж дека извршиле убиство на 84-годишен маж во кривопаланечко село. - На 01.04.2025 во 18.25 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ги лишиле од слобода З.Ф.(24), С. Ф.(19) и С.Ф.(44) од село Луке, кривопаланечко. Тие се сомничат дека го убиле Љ.С. (84) од село Луке, кој на 29.03.2025 бил пријавен за исчезнат. Телото на Љ.С. било пронајдено закопано во непосредна близина на неговата куќа во с. Луке, а увид извршила екипа од СВР Куманово, известија од полицијата за случајот. По насока на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава....
Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски
Скопје Инфо - пред 13 часа
Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. За прифаќање на предлогот гласаа тројца, додека шест члена гласа против. Претседтелката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, рече дека со оглед дека Советот одлуките ги носи со мнозинство, мнозинството дадоа негативно мислење. За прифаќање на предлогот на Владата за разрешување на Коцевски гласаа Кети Петкова, Ардиан Демири и Марјана Илиевска. Советот на јавни обвинители претходно ја исклучи јавноста од точката за разгледување на предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Членовите на Советот едногласно го поддржаа предлогот на членот Зорица Павловиќ, која повикувајќи се на член 10 од Законот за совет на јавни обвинители побара да се исклучи јавноста поради, како што кажа, сензитивноста на процесот и за заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. Светлана Стојковиќ, го поддржа предлогот, дополнувајќи дека јавноста треба да биде исклучена и поради тоа што во произнесувањето од Коцевски по предлогот за негово разрешување, се изнесени и информации и докази од дисциплинските постапки што се води против двајца јавни обвинители. Расправата, како што нагласија, ќе биде затворена, а јавноста ќе биде вклучена само за гласањето по мислењето за предлогот на Владата за разрешување на Коцевски. Седницата за разгледување на предлогот претходно на два пати беше одложена. Првично беше закажана за 18 март, но беше одложена поради седумдневната жалост по трагедијата во Кочани, а минатата недела, на 26 март беше одложена поради немање на кворум. Согласно законските рокови за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски, Советот треба да го разгледа најдоцна до крајот на неделава, иако Владата објави дека ќе ја прекине постапката. Портпаролката на Владата Марија Митева, на 26 март годинава, изјави дека Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и доколку добие мислење од страна на Советот на ЈО, истото нема да го проследи до Собранието. „Да појаснам дека Владата доколку добие мислење од страна на Советот на ЈО ќе ја запре постапката, односно истото нема да го прати до Собранието, а се разбира Советот на ЈО согласно роковите кои што ги има ќе постапува“, изјави Митева. Премиерот Христијан Мицкоски по трагедијата во Кочани изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа. „Во овој момент имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите кои што работат посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат. Јас кога кажав дека сме задоволни впрочем можев да видам дека постои една заедничка акција и работа помеѓу МВР и Јавното обвинителство кое што резултираше со 34 обезбедени лица коишто имаат и најмал сомнеж за поврзаност со овој случај“, рече Мицкоски. Владата на 11 февруари година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на оваа позиција пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител. Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него....
Евротип програма за лојалност
Скопје Инфо - пред 13 часа
Бидете дел од новата програма за лојалност на Евротип, преку која ќе имате можност да користите ексклузивни поволности, привилегии и понуди. Со секоја уплата на тикет, користете ја вашата Евротип клуб картичка, собирајте поени и одберете вредни производи од КС маркетот. Вашата лојалност и доверба заслужуваат награда. Со Евротип добивате секогаш повеќе. Сите потребни информации околу програмата за лојалност ќе ги пронајдете на следниов линк https://qrco.de/bfsNJB...
Објавен Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“
Скопје Инфо - пред 13 часа
Министерството за култура и туризам го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година. Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Конкурсот трае од 2 до 30 април 2025 година, а е објавен и на веб-страницата на Министерството за култура и туризам....
Муртезани: Зајакнување на капацитетите за поефикасна реализација на ИПА програмите
Скопје Инфо - пред 13 часа
Владата ќе преземе значајни чекори за зацврстување на ИПА структурите и адресирање на проблемите наследени од минатиот период, меѓу кои се вбројуваат високата ротација на професионалниот персонал, одолговлечените процедури за јавни набавки и големите пропусти во секторите транспорт и животна средина. Ова денеска го изјави министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во својство на Национален координатор за ИПА (NIPAC), кој копретседаваше на третата седница на Мониторинг комитетот за Инструментот за претпристапна помош ИПА III. Муртезани, како што извести Министерството за европски прашања, ги истакна тековните политички и технички пречки поврзани со делотворно искористување на европските фондови. Тој нагласи дека до крајот на 2024 година, договорените средства за ИПА II достигнаа 71 отсто, додека реализацијата на средствата од ИПА III во истата година е на ниво од 31,37 отсто. Министерот Муртезани укажа на значењето од забрзување на имплементацијата на тековните програми за да се спречи ненавремено искористување на ИПА средствата во иднина. Тој се осврна и на мерките за зајакнување на административните капацитети и најави сериозен ангажман за системско решение на политиките за задржување и постојана обука на државните службеници. Тој посочи дека Министерството за европски прашања работи на воспоставување Академија за ЕУ, чија задача ќе биде обезбедување квалитетна и континуирана обука за кадарот вклучен во ИПА структурата. Со состанокот претседаваше и Валентина Суперти, раководител на одделение при Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија, која ја потенцираше важноста од јасно дефинирани обврски и активности за надминување на сегашните предизвици во управувањето со ИПА програмите. “Мониторинг комитетот за ИПА е највисокото надзорно тело за сите ИПА програми и има задача да обезбеди ефективна, транспарентна и усогласена реализација на европската претпристапна помош во Северна Македонија, во согласност со Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија,” стои во соопштението од Министерството за европски прашања....
Нема опасност за жителите по излевањето на Маркова река
Скопје Инфо - пред 13 часа
Нема опасност за жителите од излевањето на Маркова река, а водостојот е вратен во коритото, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Од таму додаваат дека еден тим за брз одговор интервенирал со пумпи за извлекување на вода и истите ќе интревенираат по потреба во текот на денот. „По првичната информација за излевањето на Маркова река во Општина Студеничани, село Батинци, екипата за процена на ризици на Дирекцијата за заштита и спасување одблиску на терен ја следеа состојбата. Директорот Џеват Селами беше во постојана комуникација со екипите на терен, градоначалникот на општина Студеничани, г-дин Азем Садики, директорот на А.Д. Водостопанство, г-дин Филип Филиповски, сѐ со цел да се обезбеди координиран и ефективен одговор. Еден тим за брз одговор интервенираше со пумпи за извлекување на вода, и истите ќе интревенираат по потреба во текот на денот“, се наведуваа во соопштението. Од таму додаваат дека според досегашните информации ситуацијата е под контрола и нема опасност за жителите и дека е евидентирана материјална штета што допрва ќе се проценува....
Саем на книга 2025 - настан со традиција што секоја година носи нешто ново, неочекувано и инспиративно!
Скопје Инфо - пред 13 часа
Некои места имаат посебна енергија а Саемот на книга е токму такво место каде што зборовите оживуваат, страниците шушкаат низ толпата, а љубовта кон книгите може буквално да се почувствува во воздухот. Од 8 до 14 мај, арената „Борис Трајковски“ повторно ќе стане книжевно светилиште, исполнето со класични дела, нови изданија и возбуда што ја носи секоја нова книга во рацете на вистински љубител на пишаниот збор. Саемот на книга одамна стана дел од културниот ритам на љубителите на литературата. Тоа не е само место каде што се купуваат книги, туку настан со традиција што секоја година носи нешто свежо, неочекувано и инспиративно. Без разлика дали се работи за редовен посетител или некој што доаѓа прв пат овој саем секогаш нуди нешто што изненадува: нови автори, ексклузивни изданија, интересни разговори и средби што оставаат трага. Овде може да се сретнат сите профили на луѓе од оние кои секогаш имаат книга во торба до оние кои бараат токму таа една книга што може да ги вовлече во магијата на читањето. Оние кои ги следат новите изданија со возбуда и оние кои одат по мирисот на старите страници, барајќи книги со душа. Една од најголемите убавини на Саемот е тоа што тука може да се видат сите книги од најновите бестселери до ретки литературни бисери, од книги за најмладите до дела што водат низ историјата, филозофијата, уметноста. Без разлика на вкусот, тука секој читател ќе ја пронајде својата книга . Токму затоа, посетата на Саемот е повеќе од обична прошетка низ штандовите тоа е можност да се откријат нови автори, да се слушнат нивните приказни, да се земе потпис од писателот чие дело го сакате. Ова е место каде што литературата станува жив процес, место каде што читателите не се само публика туку се активни учесници во светот на книгите. Секој што барем еднаш бил на Саем на книга знае дека ова чувство е посебно, неодоливиот мирис на ново испечатени страници, звукот на луѓе кои споделуваат препораки, очекувањето пред промоција на некое ново издание, моментот кога ќе се земе во раце книгата што долго е посакувана. Оваа година, љубителите на литературата повторно ќе имаат можност да уживаат во атмосферата на најголемиот книжевен настан во земјава. Да се запознаат со авторите и да бидат дел од заедницата што верува дека книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи....
Драма на судењето за убиството на Вања и Панче, Кешишев се плаши да зборува пред Палевски
Скопје Инфо - пред 14 часа
Пред денешното рочиште адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, Игор Ефремов побара за време на сведочењето на неговиот клиент од судницата да биде отстранет Љупчо Палевски. Ефремов истакна дека неговиот клиент се плаши да говори пред Палевски и можно е да не ја говори вистината. Во прилог на тоа нагласи дека Палчо на неговиот клиент му давал некави ливчиња да ги потпише во негово име. На ова се спротистави самиот Палевски. „Ова се лаги, посебно тоа дека сум давал писма и изјави кои треба да се препишат во негово име. Може да биде свртен и со грб но битно ми е да слушам што ќе изјави“, рече Палевски. Согласно член 391 став 4, Судот донесе решение обвинетиот Љупчо Палевски - Палчо се оддалечува од судница, рече судијата Ивица Стефановски. На 25.11 Палчо му дал на Кешишев изјава да ја препише и да ја достави до судот додека во комбе се превезувале од затвор кон суд. Со тоа Палчо влијаел врз Кешишев и поради тоа судот одлучи за мерка за оддалечување на Палчо од судницата. Адвокатот на Палчо, Страшевски исто така најави напуштање на судењето. „Јас ќе го напуштам судењето. Ниту е утврден стравот од доктор или вешто лице, но судот да носи вакви одлуки е срамно. Срамот е само на збор кажан, без докази. Ова е само една приказна, која за жал, судот ја прифати. Невозможно е вакво решение да се носи само со зборови од една страна. Во ваква атмосфера јас како бранител на Палевски не можам да учествувам во ваква хајка и драма која непотребно се прави. Барам да повикаме вешто лице да изврши испитување и да видиме дали има страв да говори пред Палевски, а нема страв и понатаму да одговара во постапката на прашања од Палевски“, рече Страшевски. Судија Стефановски: „Судот го предупредува адвокатот дека ќе биде парично казнет доколку го напушти судењето, и ќе биде избран судија по службена должност....
Од денеска, Скопје и официјално директно се поврзува со Париз преку новата авиолинија Скопје - Париз
Скопје Инфо - пред 14 часа
Утрово на Меѓународниот аеродором Скопје се реализираше првиот лет од Париз и тоа од аеродормот Орли до Скопје на авиокомпанијата Изиџет. Линијата ќе се реализира два пати неделно и истата е воведена како резултат на финансиската подршка што ја овозможи Владата преку Министерството за транспорт преку Програмата за воведување на нови дестинации. Согласно договорот, авиокомпанијата Изиџет оваа линија ќе ја оперира од денеска - 2 април па се до 31 декември 2027 година со однапред определен ред на летање. „Ова е уште една можност за подобра комуникaција и поврзување на Македoнија со европските земји и европските метрополи. Париз е атрактивна дестинација за патување, но уште поважно е дека туристи ќе носиме во Македонија. Како Влада создаваме услови со кои привлековме нови авиокомпании во Македонија и резултатите веќе се видливи. Осум нови дестинации од аеродромот во Скопје и две од аеродромот во Охрид се воведени за многу краток период. Го променивме целосно моделот на субвенционирање и наместо за заминување, даваме финансиска подршка за патници во доаѓање затоа што целта е што повеќе луѓе да доаѓаат во Македонија а тоа значи дека ќе користат и други услуги во земјава и ова е стартегија која ја применуваме од самиот почеток и која ни дава конкретни резултати. Веќе преговараме со други авиокомпании и мислам дека сме на добар пат да постигнеме договор за нови дестинации“, истакна вицепремиерот Николоски. Линијата Скопје-Париз е дел од договорот за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии што го реализира Министерството за транспорт преку јавен повик за субвенционирање. Од Скопје, освен Париз, се воведуваат и линиите кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, а од Охрид кон Истанбул и Басел. Согласно Програма за финансиска подршка 2025-2027 година донесена од страна на Владата, предвидени се 360 милиони денари за субвенции за воведување на нови авиолинии. Оваа Програма има за цел да да го унапреди авиосообраќајот, да се обезбедат нови дестинации преку поволни услови за патување за граѓаните како и развој на цивилното воздухопловство....
Возел пијан и без возачка - Уапсен штипјанец кој удрил во паркирано возило, па избегал
Скопје Инфо - пред 14 часа
Изминатава ноќ, околу 00.20 часот во Штип, полициски службеници го лишиле од слобода Е.А.(40) од Штип. Е.А. на 01.04.2025 околу 22.40 часот во Штип со патничко возило „сеат“ со штипски регистерски таблички удрил во паркирано возило и го напуштил местото на настанот. По преземени мерки од страна на полициски службеници, Е.А. е пронајден и лишен од слобода, а било констатирано дека има 1,77 промили алкохол во крвта и дека нема положен возачки испит, информираа од полицијата. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“....
Фатен бегалец од Идризово
Скопје Инфо - пред 14 часа
Вчера во 16.30 часот на улица „168“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, врз основа на судска наредба, го привеле 35-годишниот Ф.С. од Тетово, кој бил баран со потерница поради бегство од КПУ Идризово. Ф.С. бил осуден на шест години и 10 месеци за сторени кривични дела по член 215 и 396 од КЗ, а за доиздржување имал една година, 10 месеци и 6 дена. Тој бил спроведен во КПУ Идризово за доиздржување на казната....
Влада: За само 6 месеци, Владата ги покачи пензиите на над 330.000 пензионери за 5000 денари.
Скопје Инфо - пред 14 часа
Преку соопштение Владата информираше дека на сметките на пензионерите легнаа покачувањето на пензиите од 2500 денари. Од таму додаваат дека сова покачување, вкупното линеарно зголемување на пензиите достигнува 5.000 денари, откако првото зголемување беше со септемвриската пензија и сега со мартовската пензија. „Ова е втор раст на пензиите за само 6 месеци. Имено, дека Владата се грижи за пензионерите покажува тоа што уште првата недела од мандатот донесе одлука за линеарно покачување на пензиите на сите пензионери за 5000 денари, со септемвриската и мартовската пензија. Ветивме и исполнивме. Владата ги покачи пензиите за 5000 денари, линеарно за секој пензионер. Владата покажа дека се грижи и работи одговорно и посветено. Пензионерите заслужуваат достоинствен живот и вистинска грижа за нивните потреби“, се додава во соопштението. Од Владата велат дека исполниле едно од ветувањата на најстарата категорија на граѓани и се обезбедило поквалитетен живот за нив....
Сојуз на средношколци: Државната матура ќе се полага во училишните простории
Скопје Инфо - пред 14 часа
Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар го прифати барањето на Сојузот на средношколци државната матура да се полага во училишните простории наместо во амфитеатрите на факултетите, информираат од Сојузот на средношколци Согласно оваа одлука, матурантите ќе полагаат во своите училишта, под услов тие да ги исполнуваат потребните стандарди за спроведување на испитите. За училиштата кои не ги исполнуваат овие услови, Државниот испитен центар ќе овозможи алтернативни простории врз основа на доставени барања од страна на засегнатите училишта...
Муцунски од денес до петок во работна посета на Брисел
Скопје Инфо - пред 15 часа
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до петок престојува во работна посета на Брисел. Во рамки на посетата, министерот ќе одржи излагање во Центарот за европски политики (EPC) на тема: „Проширувањето на ЕУ во новата ера: македонска перспектива“, и ќе има брифинг со претставници на бриселски тинк-тенкови посветен на тековниот евроинтегративен процес. Муцунски ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што ќе се одржи на 3 и 4 април во седиштето на НАТО. На состанокот ќе се разговара за безбедносните предизвици, поддршката за Украина и подготовките за Самитот на НАТО во Хаг, како и за јакнење на партнерствата и одбранбените капацитети на Алијансата....
Јавна седница на ССМ пред Собранието, ќе се бара минимална плата од 500 евра
Скопје Инфо - пред 15 часа
Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред Собранието ќе одржи јавна седница на највисоките тела на Синдикатот по што ќе се упати кон Стопанската комора на Македонија и кон Владата. Со ваквиот чекор, синдикатот ќе изрази незадоволство од одлуката минималната плата да се зголеми 1.800 денари без таа да помине на Економско-социјалниот совет што, според синдикатот, е незаконско. За време на протестот, којшто почнува во 12:05 часот пред Парламентот, во овој дел од градот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим. Синдикатот бара минималната плата да изнесува 30.000 денари имајќи ги предвид трошоците на живот, наместо предложените 24.300 денари, а Владата во рок од една година да ги плаќа придонесите за разликата до 30.000 денари. „Со нечовечкиот однос кон синдикалните претставници не само што е повреден Уставот и законите во Македонија, туку има повреда и на меѓународните конвенции на трудот и за тоа веќе се известени Меѓународната организација на трудот, Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои даваат целосна поддршка на ССМ, истакна вчера претседателот на ССМ“ Слободан Трендафилов. Тој порача дека нападите врз него и врз претседателите на гранските синдикати, кои, како што рече, се позачестени последните денови, нема да ги запрат во барањата за повисоки плати и подобрување на животниот стандард на работниците. „Загрижува состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата. Затоа се жестоките напади кон ССМ за да не се зголемат платите на овие работници“, рече Трендафилов. Предложи платите на избраните и именуваните лица заедно со неговата плата да биде 500 евра една година и да се изгласа минимална плата во истиот износ. Европската конфедерација на синдикати на 14 март им даде поддршка на синдикатите во земјава за да издејствуваат што поголема минимална плата со која работниците ќе може достоинствено да живеат. Претставниците на Европската конфедерација на синдикати на прес-конференција во Скопје оценија дека барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата се повеќе од оправдани и дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот. Од ССМ ја спорат одлуката на Владата за висината на минималната плата бидејќи согласно член 4 став 5 од Законот за минимална плата, министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ, а тоа, како што посочуваат, не се случило односно не е подржана седница на Економско-социјалниот совет. Економско-социјалниот совет нема одржано седница во текот на овој месец бидејќи првично од страна на Комисијата за репрезентативност треба да се утврди репрезентативноста на ССМ која е истечена минатата година. Комисијата минатиот петок ја одржа првата седница и ги проверува доставените списоци со активни членови на ССМ. Доколку се потврди дека ССМ има како членови најмалку 10 проценти од вкупниот број на вработени во државата, треба да продолжи со работа Економско-социјалниот совет. Според Владата, висината на минималната плата е легитимна и утврдена согласно критериумите во Законот за минимална плата. Заменик-министерот за економсија и труд Марјан Ристески минатата недела на прес-конференција во Владата појасни дека висината на минималната плата е утврдена согласно податоците од Државниот завод за статистика, за што како основа се зема 50-проценти од просечната плата исплатена минатата година и 50-проценти од индексот на трошоци односно инфлацијата за претходната година....
Посебен режим на сообраќај во дел од град Скопје поради излевањето
Скопје Инфо - пред 15 часа
Министерството за внатрешни работи инфомираше дека поради обилните врнежи од дожд на територија на град Скопје и излевање на Маркова река од речното корито, сеуште е затворен за сообраќај во двете насоки локалниот пат с. Горно Лисиче – с. Долно Лисиче, како и влезот за с. Батинци во двете насоки. „Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај презема мерки за посебен режим на сообраќајот.“, стои во соопштението од полицијата. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници....
Апелација ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“ каде загинаа 16 лица
Скопје Инфо - пред 15 часа
Апелациониот суд Скопје денеска и утре со почеток во 9 часот ќе одржи јавна седница за случајот „Ласкарци“ кој се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која загинаа 16 патници, а над 30 беа повредени. Во пресудата, што беше објавена лани во јануари, обвинетите беа прогласени за виновни и добија вкупно 39 години затвор. По пресудата, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје. На обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, му беше изречена казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години. Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски. Воедно, на обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години. Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари не се придржувале кон безбедносните прописи, дозволувајќи технички неисправен автобус да учествува во сообраќајот, што предизвикало опасност за животот на патниците. Тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, дозволиле автобусот да помине на технички преглед и покрај неисправностите. Возачот Маноил Трифуновски, свесен за неисправноста на возилото, го управувал автобусот со 55 патници и удрил во металната ограда поради невнимание. Процесот во Основниот Кривичен суд Скопје го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски. По пресудата, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалба до Апелацискиот суд Скопје. Обвинителот Јакимовски бара повисоки казни за обвинетите Дурмиш Белули, Ремзи Мифтари, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, како и подолги забрани за вршење професија. Според обвинителот, првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба, но казните за четворицата се премногу ниски. Според Обвинителството, за возачот Маноил Трифуновски е соодветна високата затворска казна со оглед на неговата одговорност, но и непокажаното жалење за тешките последици во текот на судскиот процес, додека, за обвинетиот Јане Боваровски, чиј придонес за несреќата бил најмал, јавниот обвинител оценил дека е доволна определената затворска казна....
Внимателно движење! Водостоите на сите реки низ земјава се доста високи
Скопје Инфо - пред 15 часа
Според утринските податоци од хидролошките станици низ земјава, водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денешниот ден, известува УХМР. Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата. Значително е висок водостојот на река Вардар по целото нејзино течение, од горниот дел во Полошката Котлина, во градот Скопје и низводно накај Велес во средниот и долниот дел од сливот во Демир Капија и Гевгелија. Во текот на денот се очекува и понатаму да остане висок водостојот посебно во средниот и долниот дел од сливот каде би се префрлил водниот бран. Висок е и водостојот на река Треска каде околу месноста Пласница е можно локално излевање на реката и поплавување на околните ливади. Во текот на денот се очекува постепено стагнирање на водостојот на река Треска, но тој да продолжи да биде висок. Исто така, висок е водостојот на река Струмица по целото течение на реката, а пред се поради врнежите во Косово и река Лепенец бележи зголемен водостој во текот на изминатава ноќ и изутринава кој во текот на денот се очекува да биде во намалување. Доколку денеска на одредени места врнежите бидат поројни можно е да се очекува брз и рапиден пораст на водостојот на помалите реки и суводолици, соопшти УХМР. Од таму предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден....
Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче, ќе сведочи обвинетиот Влатко Кешишев
Скопје Инфо - пред 15 часа
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска од 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. На минатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче. Претходно, беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство. Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот. И Манев, како и Видевски, посочија дека биле изложени на тортура при нивните распити во полицијата. Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски. Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес....
Непрооден локалниот пат Горно Лисиче - Долно Лисиче и првиот мост во Батинци
Скопје Инфо - пред 15 часа
Непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче кон село Долно Лисиче и првиот мост во село Батинци, соопшти денеска АМСМ. Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово - Велес, Маврово - Дебар - Струга, Виница - Берово и Кочани - Делчево....
Кога конечно ќе уживаме во вистинско пролетно сонце?
Скопје Инфо - пред 15 часа
Убави вести ни пристигнуваат од средината на следната недела – според светските метеоролошки сервиси, тогаш се очекува стабилизација на времето и повеќе сончеви денови. Температурите ќе бидат во постепен пораст, а времето ќе биде пријатно и стабилно. До тогаш, пред нас се уште неколку дождливи денови, со повремени врнежи и нестабилности, кои ќе се задржат и во втората половина од април. Сончевото време ќе се продолжи и за време на продолжениот велигденски викенд, кога не очекува вистинска пролетна атмосфера. Утринските температури ќе се движат до 8°C, а дневните ќе достигнат околу 20°C. Сепак, нова дестабилизација на времето се очекува во неделата пред првомајскиот празник, кога повторно ќе има зголемена облачност и нестабилности со можност за врнежи....
Припадниците на МВР со плати повисоки за 10%
Скопје Инфо - пред 16 часа
Припадниците на МВР примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. „Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи....
Уште денеска може да го платите долгот кон скопски „Водовод“ без камата
Скопје Инфо - пред 16 часа
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање завршува денес. „Акцијата за отплата на долговите на рати без камата е со определено времетраење и започна од 17.02.2025 година, а завршува заклучно со 02.04.2025 година. Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата. Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје. По истекот на овој период одлуката престанува да важи“, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје. За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје контактирајте на: 02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција; kontakt@vodovod-skopje.com.mk; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje....
Делови од Скопје утре без струја
Скопје Инфо - пред 16 часа
Од ЕВН Македонија АД дизвестуваат дека утре (четврток) без електрична енергија ќе останат: - во периодот од 08.30 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. Гарсија Лорка (општина Шуто Оризари) - во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од Градовци, Тисовица, Гумалево, Пакошево, Спектар Комерц, Добрино, Дејковец, Ново Село и Пакошево (општина Зелениково)....
Кочани доби ново амбулантно возило – донација од компании
Скопје Инфо - пред 16 часа
Донирано е амбулантно возило за општата болница во Кочани од страна на приватни компании. Амбулантното возило е донација на „Аутомотив груп“, „Соникс“ и „Шпаркасе“. На примопредавањето присуствуваше генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски, кој им се заблагодари на компаниите за донацијата. „Ги повикувам и сите општествено одговорни компании, кои што сакаат да помогнат да донираат, отворени сме за соработка и да помогнеме и на Општата болница – Кочани, меѓутоа да помогнеме и на цел регион“, порача тој. Приватни компании интензивно се вклучија со донации по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе, а бргу потоа почина и возачот на Брзата помош од тој град кој во текот на целата вечер и утредента носел повредени со амбулантното возило до Скопје и назад, според сведочењата, 11 пати. Неодамна компанијата „Алкалоид“ најави дека ќе ја покрие стипендијата за студии на младиот Јован Костадинов кој спаси 21 живот во опожарената дискотека „Пулс“, со што стана лицето на хероите во трагедијата....
Поплавени куќи, магацини и индустриски објекти во Студеничани, Батинци, Пинтија и Горно Лисиче
Скопје Инфо - пред 16 часа
Регионалниот Центар за управување со кризи– Скопје, известува дека поради врнежите од дожд, вчера во текот на доцните попладневни и вечерните часови, дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што истата е излеана преку мостот кај населеното место Љубош и низводно, и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и делови кон Пинтија. Исто така пријавено е и поплавување на дел од булеварот Борис Трајковски кај населба Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини. Според информациите од лицето за контакт од ЕЛС Студеничани, интервенираат службите на ЕЛС Студеничани со локалните фирми, а исто така на терен има и претставници од ЕЛС Кисела Вода. Во текот на ноќта, на Единствениот број за итни повици 112 добиени се и пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче (општина Аеродром), каде интервенира ЕЛС Аеродром. Исто така, на поплавените места интервенираат и БППЗ на град Скопје и Јавните претпријатија на град Скопје и ЕЛС. АМСМ известува дека непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче према село Долно Лисиче (општина Аеродром) и првиот мост во село Батинци (општина Студеничани). ЈСП Скопје, известува дека поради поплавите од Маркова река, автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла и автобусот со број 33 преку населба Драчево во двете насоки. Македонски железници известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево....
Се излеа Маркова Река, од Град Скопје велат дека тоа не е во нивна надлежност
Скопје Инфо - пред 16 часа
„Согласно актуелните акти на Министерството за животна средина и просторно планирање, и актуелниот ГУП донесен во време на Коце Трајановски надлежноста за одржување на одводните канали и коритото на реката Маркова Река е во директна надлежност на општина Студеничани и Министерството за животна средина и просторно планирање“, соопштуваат од Град Скопје. „Градот Скопје нема никаква надлежност за постапување на овие канали и коритото на реката. Градот Скопје во неколку наврати досега апелираше до надлежните во општината за потребата од чистење на каналите и коритото, но апелите за жал не наидоа на резултат од страна на одговорните. За дезинформациите ќе бараме и правна одговорност. Во овој момент екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, ЈП Водовод и Канализација и останатите претпријатија на градот Скопје се на терен и активно помагаат во спречување на дополнителни штети и санирање на веќе настанатите“, се наведува во соопштението на Град Скопје....
Повторно протест во центарот на Скопје, сообраќајниот режим ќе биде изменет
Скопје Инфо - пред 17 часа
СВР Скопје ги известува граѓаните дека денеска (среда) со почеток во 12.05 часот поради одржување на протест, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот. Трасата на движење ќе започне пред Работнички дом (зграда на ССМ) на ул. „Мирче Ацев“ кон Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ во продолжение по ул. „Димитрија Чупувски“ до седиштето на Стопанска комора, десно по бул. „Васил Главинов“ до бул. „Илинден“ пред Влада на РСМ. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници....
Три скопски општини денеска без струја, вода ќе нема на повеќе улици во Карпош
Скопје Инфо - пред 17 часа
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, известува дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска (среда), без напојување со електрична енергија ќе останат: - од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче (Општина Аеродром) - во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада (Општина Аеродром) - од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12 (Општина Сопиште) - од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино (Општина Зелениково). Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, известува дека денеска (среда): - Поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, од 11:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов (општина Карпош)....
Повремен дожд и грмежи и денеска - кога да очекуваме стабилизација на времето?
Скопје Инфо - пред 17 часа
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени. Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени. Времето во наредните денови Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Денеска и во четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање....
Американската Амбасада: Носителите на визи да ги следат американските закони и правила
Скопје Инфо - пред 1 ден
Американската Амбасада во Скопје апелира носителите на визи да ги следат американските закони и правила. „Скринингот на визите за САД не престанува по издавањето на визата. Ние постојано ги проверуваме носителите на виза за да утврдиме дали ги следат сите американски закони и правила и ако не ги следат ќе им ги укинеме визите и ќе ги депортираме“, стои во Фејсбук објавата на Амбасадата. Амбасадата и минатата недела објави апел до граѓаните кои што поседуваат американска виза, со цел нејзино правилно користење. Оттаму наведоа дека ако се престојува подолго отколку што е пропишано на самата виза, лицата може да се соочат со трајна забрана за патување во САД....
Николовски: УСС не е против нови здруженија и организација на студенти, отворени се за секоја дискустија
Скопје Инфо - пред 1 ден
Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет (УСС на УКИМ) не е против нови здруженија и организации на студенти и ќе ги повика на дискусија за сите предизвици со кои се соочуваат студентите, изјави претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски прашан за став во врска со појавата на нови студентски иницијативи по трагедијата во Кочани, како „Студентски сојуз“ и „Студентски пленум“. Нагласувајќи дека УСС на УКИМ „работи секогаш за интересите на студентите“, Николовски на новинарско прашање одговори дека чекаат да видат „какви барања ќе произлезат од страна на тие здруженија и организации“ и дека се отворени за дискусија. „Во моментов размислуваме за отворена трибина на која ќе ги повикаме сите страни за да дискутираме за сите предизвици коишто сметаат дека треба да се поправат и, секако, ние сме тука и кога се добри времиња и кога се случуваат вакви трагедии за заедно да менуваме работи во системот. Дополнително, УСС на УКИМ спроведе анкета до сите студенти преку која ќе се направи еден вид документ, што ќе биде манифест со барање до институциите за одредени промени согласно трагедијата во Кочани. Но ние, во ниту еден случај, не одиме против вакви здруженија затоа што тоа се студенти, а ние како легитимно избрани тела - УСС и факултетски собранија, сме тука за да дискутираме и заедно да ги решаваме проблемите“, истакна Николовски. Во врска со политички влијанија во студентските организации, нагласи дека партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање затоа што, рече, тогаш доаѓа до конфликт на интереси. „Се трудиме да соработуваме со сите политички партии, сме соработувале и ќе продолжиме да соработуваме, но сметаме дека раководството на студентските организации не треба да биде под надлежност на партиски членови“, рече Николовски....
Кривична против 10 полицајци од ЕБР, си пишувале фиктивни патни трошоци
Скопје Инфо - пред 1 ден
Министерството за внатрешни работи информираше дека е поднесена кривична приајва против полициските службеници К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., сите вработени во Единицата за брзо распоредување, поради постоење основи на сомнение дека ја злоупотребиле својата положба и овластување. „Пријавените, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци, поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства од Министерството за внатрешни работи за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно, со што во периодот 01.12.2023 до 17.09.2024 го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од 1.098.120 денари“, стои во соопштението на МВР. Од полицијата известуваат дека одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност....
Поради утрешниот протест на синдикатот, посебен режим на сообраќај во Скопје
Скопје Инфо - пред 1 ден
СВР Скопје ги известува граѓаните дека утре со почеток во 12.05 часот поради одржување на протест, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот. „Трасата на движење ќе започне пред Работнички дом (зграда на ССМ) на ул. „Мирче Ацев“ кон Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ во продолжение по ул. „Димитрија Чупувски“ до седиштето на Стопанска комора, десно по бул. „Васил Главинов“ до бул. „Илинден“ пред Влада на РСМ“, се вели во соопштението. Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници....